Во декември минатата година Google најави две нови функции кои треба да ја намалат потрошувачката на енергија на компјутерите кои го користат Chrome, поточно лаптопите. Ова е можеби единствената маана која ја има овој најпознат прелистувач, па после толку години Google конечно направи нешто конкретно да го реши овој проблем.

Memory Saver и Energy Saver се двете нови функции кои треба да го подобрат Chrome, а сега и официјално им стануваат достапни на корисниците со најновата верзија од прелистувачот, 110.

Овие две нови функции се достапни во Settings > Performance, а доколку уште не ги гледате можете да почекате додека вашиот компјутер дојде на ред за пуштање или да ја вклучите сами функцијата преку „flags“ делот со внесување и вклучување на следните две локации:

chrome://flags/#battery-saver-mode-available

chrome://flags/#high-efficiency-mode-available

Инаку, овие две функции ја штедат батеријата преку намалување на потрошувачката на ресурсите од компјутерот на Chrome. Memory Saver ги „исклучува“ табовите кои не ги користите одреден период, па тие веќе нема да трошат од RAM меморијата или од процесорот. Ова е посебно корисно за корисниците кои имаат отворено поголем број на табови.

Втората функција, Energy Saver ги намалува заднинските активности, како и визуелните ефекти кај страните, односно анимациите, мазното „скролање“ и слично. Energy Saver може да се избере да се вклучува кога батеријата е под 20% или секогаш кога ќе се извади полначот од уредот.

Ќе видиме колку од потрошувачката на Chrome ќе се намали со овие две новини, па конечно најпознатиот прелистувач да не прави проблем за корисниците.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Android Police
Претходна статијаАЕТМ објави Jавен повик за поддршка за отворање на нови е-продавници
Следна статијаMicrosoft подготвува нова верзија од Teams која ќе има многу подобри перформанси
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.