Mozilla најави неколку доста добредојдени новини кои треба да станат дел од нивниот интернет прелистувач Firefox во наредните година дена. Според организацијата, ова се функции кои се најмногу барани од страна на корисниците, а повеќето од нив се веќе достапни кај конкурентите, па дефинитивно ќе ја подобрат позицијата на Firefox.
Новите функции вклучуваат новини за повеќе делови од Firefox. Како главни новини се истакнуваат можноста за креирање на групи од „табови“. Ова е нешто што го има кај конкурентите веќе подолг период, а очигледно е користено од страна на корисниците.
„Табовите“ добиваат и можност да се гледаат во вертикална позиција на посебна лента од левата страна. Ова исто така е новина достапна кај конкурентите, а е доста погодена за корисниците кои отвораат по десетици „табови“, ако не и повеќе.
Firefox веќе овозможува корисниците да се најават на различни сметки од ист сервис во посебни таканаречени „контејнери“, со цел издвојување на работните сметки од приватните, на пример. Од организацијата најавуваат дека прелистувачот ќе добие поедноставен начин преку посебни профили, исто како што овој дел е решен кај другите прелистувачи.
Од Mozilla најавија и поедноставување на делот за приватност, односно делот каде се бира блокирањето на интернет „тракерите“, треба да стане поинтуитивно и едноставно за повеќето корисници.
„Табовите“ во Firefox добиваат и можност за посебни позадини, а корисниците ќе можат да изберат од повеќе видови на позадини за да го направат уникат својот прелистувач.
За крај, Firefox треба да добие и средување на менијата низ апликацијата, а од Mozilla најавуваат намалување на натрупаноста и ставање во преден план на функциите кои корисниците најчесто ги користат.
Целосно очекувано, Firefox ќе добие и функции со вештачка интелигенција, но добро е што тие ќе бидат нешто поразлични од тие кај Edge, на пример. Mozilla најави дека овие функции ќе работат локално од уредот поради зачувување на приватноста, а ќе бидат понудени корисни функции, како што е на пример, можноста за добивање на опис на сликите за слепите лица.
Нема точни дати за тоа кога може да се очекуваат овие новини, па од Mozilla само истакнаа во наредните година дена. Дел од новините веќе се тестираат, па претпоставувам дека ќе бидат пуштани една по една во месеците што следат.