Иако на пазарот се достапни повеќе, само неколку апликации за правење на листи за организација на денот и обврските може да се каже дека се навистина добри и популарни. Една од тие апликации беше Wunderlist, а истата од денеска официјално престанува да постои.

Причината поради која оваа апликација веќе не постои е одлуката на Microsoft да ја затвори и да ја остави да функционира само нивната нова Microsoft To Do апликација. Оваа апликација почна да се развива одреден период по купувањето на Wunderlist од страна на Microsoft и постепено префрлување на повеќето функции кај оваа нова апликација.

Microsoft To Do е одлична апликација и слободно може да се каже дека ја заменува и надополнува Wunderlist, а корисниците можат сите свои листи да ги префрлат без проблем. Сепак, за голем број на корисници кои беа фанови на Wunderlist, не е важно дали има и каква е алтернативата на нивната апликација, па тие не реагираа баш најдобро на веста дека Microsoft ја купи оваа апликација во 2015, а уште помалку на одлуката да биде згасната.

Основачот на Wunderlist, Кристиан Ребер веќе работи на нови проекти надвор од Microsoft, а за првиот можевме да прочитаме во октомври 2018. Се работи за сервис за презентации наречен Pitch, но сепак овој сервис уште не е достапен до денес.

Ребер во текот на вчерашниот ден најави дека работи на нова апликација за листи, која тој ја нарекува наредната генерација на Wunderlist. Апликацијата е наречена Superlist и моментално можете да се регистрирате да бидете известени кога истата ќе биде достапна.  

Многу информации за апликацијата моментално нема. Тоа што се знае е дека ќе биде некаква конкуренција на Microsoft To Do, односно ќе биде апликација за организација на листи и задачи.

Акцентот секако ќе биде ставен и на можноста за работа на тимови, нешто што е доста популарно во денешно време.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаУживање во најдобрите филмови и серии со Samsung QLED телевизорите и HBO GO
Следна статијаMicrosoft ги претстави Surface Go 2 и Surface Book 3
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.