Microsoft вчера најави поголема надградба за Windows 11 која донесува цела листа на новости, меѓу кои можеби најголемата е некаква интеграција со новиот Bing. Корисниците добиваат и ново поле за внесување текст, наместо само копче, на долната лента од Windows 11, поточно на „таскбарот“, преку кое ќе можат подобро да пребаруваат.
Една од исто така поголемите новини е донесувањето на поддршка кај Phone Link апликацијата за поврзување со iPhone. Ова за доста корисници е и новината број 1 со вчерашната најава, па корисниците кои имаат iPhone, но не и Mac компјутер, ќе можат да добијат подобро корисничко искуство.
За почеток оваа новина им е достапна на корисниците преку Windows Insider програмата и тоа било кој канал. Сепак, од Microsoft истакнуваат дека новата функција нема да им биде пуштена на сите корисници во Insider програмата, а процесот ќе тече постепено.


Поврзувањето со iPhone функционира преку Bluetooth, кое започнува со скенирање на QR код од апликацијата. Во процесот на поврзување ќе треба да се одобрат неколку дозволи, како што се пристап до споделување на известувањата, прикажување на известувањата и синхронизација на контактите.
Втората дозвола, односно прикажувањето на известувањата е начинот преку кој Microsoft на некој начин ги „донесува“ iMessage пораките на Windows. Корисниците ќе можат да ги видат новите пораки и да одговорат на нив од нивниот компјутер.
Ова е голем фактор во успехот на Microsoft да ги „натера“ корисниците да останат на Windows 11 и да не се префрлат на Mac, нешто што станува доста привлечно за тие кои користат iPhone.
Поддршката за поврзување со iPhone треба да им биде пуштена на сите корисници подоцна во годината, ако нешто не испадне проблематично во процесот на тестирање, сепак од другата страна е Apple.