Phone Link апликацијата, порано наречена Your Phone, од март оваа година конечно почна да има поддршка и за iPhone. Апликацијата со години е одлична алатка за поврзување на Android телефоните со Windows компјутерите, а главната придобивка е тргањето на потребата да се проверува телефонот кога корисникот е внесен во работата на својот компјутер.

При крајот на минатиот месец оваа новина почна да им станува достапна на сите корисници, првично беше достапна за Windows Insider корисниците, а Microsoft сега најави дека пуштањето е завршено. Ова значи дека сите корисниците во светот ја имаат добиено новата можност.

За разлика од функциите достапни на Android, а посебно на Samsung телефоните, Phone Link е поедноставна кога е поврзана со iPhone. Корисниците добиваат неколку основни функции, од кои најголемо внимание привлекува можноста да се одговори на iMessages пораките, па некои ова го најавуваат и како доаѓање на овој сервис од Apple на Windows.

Ова секако не е баш така, а поддршката за овие пораки доаѓа преку поврзување на Phone Link со известувањата од iPhone. Корисниците поради тоа можат само да одговорат на пораките, но нема поддршка за слики, групни пораки, како и аудио и видео повици.

Апликацијата исто така овозможува гледање на сите известувања од iPhone, а тука е и можноста да се прават телефонски повици.

Без разлика на помалиот број на функции, Phone Link продолжува да е одлична апликација, а сега на корисниците на iPhone кои не користат Mac, ќе им овозможи мала причина да останат на Windows.

ИЗВОРEngadget
Претходна статијаStardock ја претстави втората верзија од апликацијата која овозможува ставање на сите апликации во „табови“
Следна статијаWhatsApp овозможи заклучување на разговорите за дополнителна заштита на приватните пораки
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.