Големата најава на Nothing дека на своите корисници ќе им овозможи можност за комуникација со iPhone корисниците, односно iMessage пораките, за многу кратко време „пропадна“.
Nothing Chats уште веднаш се откри дека не функционира со шифрирање на разговорите, како што беше најавено, па и додатно истражување покажа дека користењето на апликацијата не е баш заштитено и приватно.
Ова е очекувано кога се обидува „со сила“ да се користи туѓ протокол кој не е замислен да се користи надвор од сопствената платформа, како што е iMessage од Apple.
Nothing Chats беше направена на основа на апликацијата Sunbird, односно истата беше само редизајнирана верзија од истата.
Соработката со Nothing само ги извади на површина сомневањата и проблемите на оваа апликација, па Sunbird сега е повлечена од Play Store, а корисниците се известени дека работата е паузирана.
Сомневања околу работата на оваа апликација има уште од нејзиното пуштање во 2022, а според ArsTechnica програмерите не сакале да одговорат на одредени технички прашања, па имало и ситуација каде се исклучиле од видео повикот со новинарите.
Враќањето на апликацијата сигурно нема да се случи, а веќе и нема потреба од вакви апликации. Apple најави дека идната година ќе ја додаде поддршката за RCS која одамна се очекува, во својата Messages апликација, па корисниците на Android конечно ќе можат да комуницираат преку модерен протокол со своите iPhone пријатели.