Кај мал број на Android корисници, YouTube тестира мала промена во апликацијата која во овој дел ќе го промени стилот кој е стандарден за сите апликации од Google. Промената може да се каже дека до некаде потсетува на Instagram, а YouTube се повеќе се наоѓа во конкуренција со оваа апликација.
Промената е доста мала, но е функционална. Истата го менува името на „Library“ делот, кој се наоѓа најдесно на долната лента, во „You“. Овој дел исто така се спојува со прилагодувањата за сметката од корисниците, дел кој досега беше поставен во горниот десен агол од апликацијата.
Со оваа промена, корисниците добиваат еден унифициран дел од каде можат да ги видат информациите за својот канал, гледната содржина, „плејлистите“, како и прилагодувањата за апликацијата и сметката.
Овој дел ја добива и сликата од корисникот која досега беше кај горното копче. Прилагодувањата за апликацијата се достапни преку овој нов дел, преку ново копче во горниот десен дел.
Како и обично, не е баш познато дали Google планира да ги пушти овие промени за сите корисници, па засега го имаме само овој мал тест.