Microsoft Edge до сега покажува добар успех, па од Microsoft продолжуваат да го рекламираат овој прелистувач на сите начини на кои можат. Најновата „реклама“ е за користењето на RAM меморија, нешто за кое беше критикуван долго време Google Chrome, а двата прелистувачи се сега направени на истиот отворен код.
Со искористување на подобрена функција во најновата верзија од Windows 10, односно верзијата 2004 (May 2020 Update), Microsoft Edge успева да користи и до 27% помалку RAM меморија на тестираните уреди од страна на компанијата.
Се работи за подобрување кое е достапно за сите win32 апликации, што значи дека можат да го искористат сите програмери прилагодувајќи ги своите апликации. Microsoft има посебна страна каде промената е објаснета за програмерите и како тие може да го искористат ова подобрување.
Од Microsoft истакнуваат дека промената на перформансите зависи од уред до уред, а сепак намалувањето на потрошувачката на RAM од страна на Edge, ќе придонесе кон подобро корисничко искуство.
Доколку сте корисник кој често вклучува голем број на „табови“ при сурфање, ова е нешто што би требало да го забележите доколку го користите Microsoft Edge.