Tesla оваа недела го претстави првото поголемо освежување на одличниот Model S после подолго време. Промените не се огромни, но сепак се доволни за да се каже дека моделот е донесен да биде во тек со времето и потребите на купувачите.
Од надвор не може да се забележи поголема промена, иако и надворешноста има добиено мали промени, односно мало освежување. Главните промени се во внатрешноста, како во ентериерот, така и на технологијата за погон.
Главната разлика во внатрешноста е промената на екранот на допир, кој сега е во „landscape“ позиција. Ова мора да се признае дека изгледа многу подобро, а и овозможува подобро гледање на Netflix, нешто што е достапно во Tesla моделите.

Исто така, воланот е направен без горниот дел, односно во U форма, па не сме сигурни какво искуство при возење овозможува ова решение, па останува да се видат реакциите на новите сопственици.
Tesla Model S добива и нова генерација на технологијата за погон, па најсилниот модел сега може да забрза до 100 км/ч за помалку од 2 секунди. Исто така, тој модел може да помине околу 840 километри со едно полнење и чини 139.000 долари.
Основниот модел кој ќе се продава по цена од 79.990 долари ќе може да помине околу 660 километри со едно полнење, што повторно е одлично и доста повеќе од нешто постарите бензински автомобили.