Познатиот американски бренд во „фаст фуд“ индустријата, KFC, официјално ја претстави својата играчка конзола KFConsole. Ова секако е големо изненадување за повеќето, иако од компанијата ја најавија конзолата уште во јуни.
Конзолата е дизајнирана специјално за KFC, а од тука доаѓа и изгледот кој е во форма на кофа, во која доаѓаат пилешките производи од компанијата. Изработката е направена од страна на компанијата Cooler Master која е во овој бизнис и има искуство во изработката на гејминг компјутери, нешто што повеќе е карактеристика на KFConsole, отколку класична играчката конзола, а тоа се гледа и од карактеристиките.
Дизајнот на уредот не е направен во форма на кофа само поради KFC брендот, односно поврзаност со брендот не застанува тука. Во уредот е вграден посебен дел каде корисниците ќе можат да чуваат мала количина на пилешко, кое треба да се одржува топло од топлината на уредот.

Внатре во KFConsole се ставени доста добри компоненти кои треба да овозможат играње на игри во 4К резолуција со 240fps. За тоа ќе се погрижи NUC 9 Extreme Compute Element од Intel, односно Intel Core i9-9980HK процесорот, како и RTX графичка картичка и два Seagate BarraCuda 1TB SSD дискови.
Оваа конзола веќе требаше да биде претставена минатиот месец, што значи дека веќе доцни. Нема информации кога точно треба да почне да се продава и по која цена, но се очекува ова да се дознае на почетокот од идната година.