18711-0e11fc97_680_400

Претходниве неколку години видовме многу обиди од најразлични компании да се разруши доминацијата на играчките конзоли на Sony и Microsoft, но досега тоа беше главно неуспешно. Најновата конзола на Nvidia се чини е најблизу да го направи тоа, благодарение на високите перформанси, ниската цена и фактот дека работи на Android TV оперативен систем.

Shield е минијатурна конзола, во која работи најновиот процесор на Nvidia, X1. Мобилниот суперчип ветува извонредно високи перформанси, два пати подобри од XboX 360, но со 5 пати помала потрошувачка на енергија. Ова значи дека без проблем ќе може да ги вози популарните игри како Crysis 3, Portal, Half Life 2: Episode 1, Doom 3, Borderlands 2… И не само што ќе може да ги „вози“, туку тоа ќе го прави во Full HD резолуција со 60 фрејмови во секунда. Браво! Од каде сите тие игри? Nvidia отвори нов маркет за игри, кој веќе содржи 50 популарни наслови, а во план е проширување со многу други игри, кои веќе постојат за Playstation и XboX.

betterthanxboxslide.jpg

Настрана од тоа, конзолата на Nvidia ќе има целосен Android оперативен систем, што значи дека ќе може да го користи целиот еко систем на Google, кој вклучува околу еден милион различни апликации. И не само тоа – Х1 чипот може без проблем да пушта видео содржини во 4K резолуција со 60 Hz, што ја прави Shield конзолата одлична и за гледање филмови од Netflix (или од торент, шшшш) на најновите, Ultra HD телевизори.

Целиот систем ќе се управува преку безжичен Bluetooth џојстик, кој ќе има долго траење на батеријата со едно полнење, како и можност за гласовни команди, благодарение на вградениот микрофон. За љубителите на гледање филмови и слични содржини, тука е и далечинскиот управувач, кој ќе ги има истите можности.

Но, што е тоа што ја прави новата конзола на Nvidia вистински конкурент на гејмерската сцена? Цената. Shield ќе чини 199 долари со еден џојстик, што е повеќе од половина помалку од она што го нудат XboX One и Playstation 4!

20a5_nvidia_shield_wireless_controller_left

Навистина, можеби ги нема перформансите на тие два конкуренти, но ние сме и повеќе од задоволни од тоа дека може без проблем и течно да играме Crysis 3, да гледаме филмови во ултра висока резолуција и притоа да користиме еден тон апликации. На уред кој и реално изгледа убаво и футуристички. Со оглед на тоа дека еден нормален Android TV стик кај нас чини околу 100 долари, 199 долари за ваков моќен уред се кражба. Браво Nvidia!

Извор: TechRadar, The Verge

Претходна статијаНаучниците за прв пат го избришаа ХИВ вирусот од човечка ДНК
Следна статијаOne Touch Idol 3 – Alcatel продолжува со позитивните изненадувања