Американската вселенска агенција НАСА во својата мисија за популаризација на науката и вселенските истражувања често презема интересни проекти кои имаат за цел да ја доближат пошироката јавност до нејзината работа. За таа цел овојпат има објавено неколку звучни снимки од разни вселенски објекти од нашиот Сончев систем за да можеме да чуеме како истите звучат.
Секако, имајќи предвид дека вселената е генерално вакуум простор во кој нема простирање на вистински звучни вибрации, овие снимки се изведени од разните флуктуации на електромагнетни зрачења и ги вклучуваат Јупитер, прстените на Сатурн и самиот Сатурн, месечината Миранда на Уран, прстените на Уран и самата планета, Нептун, јупитеровиот сателит Јо. Но се разбира дека ниту една ваква снимка нема да биде целосна без да се вметнат звуците од нашата Земја, кои би можеле да додадеме дека се прилично убави.
На следното видео можете да ги преслушате снимките и да уживате во звуците на Сончевиот систем
Инаку, неколку автори веќе имаат изработено композиции користејќи ги ваквите звуци ослободени од светските вселенски агенции, како на пример издавачката куќа Lefsee Records. Други автори пак го имаат земено концептот за универзална музика како инспирација за некои нивни изведби, како што е албумот на Мајк Олдфилд наречен „Music of the Spheres“. Некои читатели можеби се запознати со позлатените плочи кои ги носат двата Војаџери на патот надвор од Сончевиот систем, на кои покрај другите работи се запишани снимки од неколку Земјени композиции како и поздрави на многу јазици од светот. Вселената изгледа веќе станува една од следната голема „точка“ на инспирација за авторите од сите уметности.
Извор: Consequence of Sound