Како корисници на паметни уреди сигурно досега сте биле во барем една дебата за тоа која платформа за паметни телефони е подобра. Една од таквите дебати е: iPhone или Android? Често ваквите дебати знаат да ескалираат до расправии бидејќи се заборава фактот дека станува збор за лични вкусови повеќе отколку генерална доминантност на одредена платформа.
Двајца цимери во Тулса, Оклахома навлегле во ваква дебата под дејство на алкохол. Резултатот бил крвав, буквално. Хиро Мендез и Илајас Есево завршиле во затвор после „дебатата“ бидејќи таа прераснала во физичка пресметка. Имено, Хиро и Илајас се скарале толку многу што почнале да се бодат со искршени стаклени шишиња, и наводно подоцна Илајас го украл автомобилот на Хиро.
Автомобилот бил пронајден близу станот во кој престојувале Хиро и Илајас со траги од крв во внатрешноста. Полицијата ги однела цимерите во болница за лекување на повредите кои не се од животна опасност, а потоа биле уапсени под обвинение за напад со смртоносно оружје.
По се изгледа дека оваа дебата набрзо ќе биде целосно небитна за цимерите, бидејќи добри се шансите да немаат пристап до никаков паметен телефон во иднина.
Извор: Arstechnica.com, Gizmodo
Фото: ArsTechnica.com