Надежите, кои сепак беа мали, дека претседателот Бајден ќе го искористи своето право на вето на одлуката на International Trade Commission во однос на спорот помеѓу Masimo и Apple, завршија во текот на вчерашниот ден.
Рокот, кој истече на 25 декември, стави крај на периодот кога претседателот може да ја промени одлуката на ITC, а со тоа остана одлуката врз основа на која Apple веќе не може да ги продава нивните два најнови паметни часовници во САД.
Apple Watch Series 9 и Apple Watch Ultra 2 веќе не се продаваат преку продавниците од компанијата, а по потрошувањето на залихите од другите компании, овој часовник веќе нема да биде достапен во САД.
Причината за ова е одлуката на ITC според која се уважува поднесокот од страна на Masimo, компанија која тврди дека Apple користат технологија патентирана од нивна страна во нивните производи.
Иако неколку годишниот спор се однесува на повеќе патент апликации, сегашната одлука се однесува на технологија за мерење на кислородот во крвта. Поради тоа Apple не може да ги продава нивните два најнови часовници, но може да го продава нивниот SE модел, кој не доаѓа со истата технологија.
Apple очекувано тврдат дека тие не користат патентирана технологија, па ќе поднесат и желба до судовите во земјата.
Се најавува и промена од софтверска страна како еден начин на тргање на забраната, но не е познато дали тоа ќе биде доволно, но и колку време ќе треба за истото.
Продажбата на овие часовници останува во другите земји, па што се однесува до нашите корисници, можат без проблем да ги купат доколку сакаат.