Основачите на Instagram, Кевин Систром и Мајк Кригер, по излегувањето од Meta продолжија на нов проект, кој стана достапен во јавноста минатата година. Се работеше за нова апликација за новости која како главна предност ја имаше вештачката интелигенција која треба да одредува кои вести им се важни на корисниците.
Апликацијата стана доста популарна, а посебно кај одредена група на корисниците, но тоа не беше доволно за да се продолжи со инвестиција во истата.
На почетокот од годината Систром и Кригер најавија дека го прекинуваат развојот на апликацијата и истата веќе нема да биде достапна.
До некаде како изненадување, но апликацијата сега е продадена на Yahoo, кои веќе се во „бизнисот“ со новости. Не е објавена сумата на договорот, а познато е дека тој ја вклучува технологијата за Artifact, но не и целата апликација.
Тоа значи дека Yahoo не планираат да ја вратат апликацијата, па тие само ќе ја користат технологијата која треба да им помогне на нивните сервиси како Yahoo News.
„Иако Artifact повеќе нема да работи како самостојна апликација или веб страна, комерцијалната технологија за персонализација на основа на ВИ и другите функции ќе живеат и ќе бидат интегрирани низ Yahoo, вклучително и во Yahoo News, во месеците што доаѓаат. Сметаме дека технологијата што ја создаде Artifact ќе биде уште повлијателна со размерите на мрежата Yahoo News, рангирана број 1 за вести и информации во САД во 2023 година.“ – истакнаа од Artifact.