Прераснувањето во пандемија на COVID-19 заболувањето доведе до тоа да повеќето компании кои имаат услови за тоа, го организираат работењето на своите вработени од дома. Со тоа се намалуваат шансите за ширење на болеста дополнително помеѓу вработените, па не требаше многу за повеќето да се одлучат на вакви мерки.
Според првичните очекувања на Google, враќањето на вработените требало да се случи од јуни, меѓутоа тоа изгледа нема да може да биде така.
Според информациите од оваа компанија, како и од Facebook, работењето од дома ќе продолжи до крајот на годината, а враќањето на работа ќе се случи дури идната година, а тоа ќе зависи секако од случувањата до тогаш.
Во меѓувреме, работниците што сепак мора да одат на работа ќе почнат да го прават тоа од јуни или јули, а истото ќе го прават во посебни услови и со посебни мерки за заштита.
Одлуката на овие две компании се смета како пример којшто најверојатно ќе го следат повеќето други компании, а и ги поставува очекувањата за тоа кога реално може да се очекува нормализирање на животот.