Toyota Sienna моделот за идната година ќе дојде со една функција која што според компанијата најмногу ќе им се допадне, а и ќе им користи на родителите кои што редовно се возат со своите деца. Се работи за микрофон кој што ќе биде поставен кај возачот, а звукот од него ќе биде пренесуван на задните звучници, односно звучниците кај задните седишта. Со тоа возачот ќе може најнормално да разговара со патниците, без притоа да мора да ја врти главата за да тие подобро го слушнат. Ваквиот начин на комуникација треба значително да ја подобри безбедноста во сообраќајот со тоа што ќе му овозможи на возачот да има една причина помалку да го тргне погледот од патот.
Според Toyota најмногу го вртат погледот назад возачите кои што се возат со своите мали деца, кои што обично се немирни и сметаат во возењето. Родителите во такви ситуации се вртат за да ги смират немирните деца, но и секогаш има што да им се каже. Со овој систем, нивниот глас ќе биде појачен, па децата сигурно ќе ги слушнат, а посебно ако тоа го направат со повишен тон. Се разбира овој систем може да биде погоден во било која ситуација кога возачот обично се врти назад поради тоа што патниците не можат да го слушнат, а не само за смирување на немирните деца.
Овој модел на Toyota ќе вклучува и посебно огледало кое што по потреба може да се спушти и кое што ќе овозможи подобар поглед на патниците на задното седиште. Според одредени истражувања 76% од возачите се вртат назад за да разговараат со патниците или нив ги гледаат во ретровизорот.
Извор: Toyota, Engadget, Digital Trends