Научници и истражувачи на “Optoelectronics Research Centre” на Универзитетот во Саутемптон ги покажаа првите примероци на 5D дискови, кои имаат исклучително висок капацитет на зачувување на податоци и уште подолг век на траење, што значи дека се одлични за зачувување на целата човекова историја за во иднината.
Дисковите се изработени од силиконско стакло и се со многу мала големина, односно малку поголеми од метална паричка. Во внатрешноста имаат многу мали точки во нано структурата, кои можат да зачуваат три бита информации. Информациите пак се впишуваат со помош на ласер, кој може да ја промени нано структурата на стаклото.
Точките во кои се зачувуваат податоците се поставени во три слоеви кои се потенки од човечко влакно, поточно во три просторни димензии. Но вие сигурно веќе се запрашавте кои се двете дополнителни димензии? Не е ништо егзотично, без грижи – четвртата е интензитетот на ласерот, додека петтата „димензија“ е поларитетот, односно брановата должина на ласерот.
Бидејќи е изработен од силика стакло овој диск ќе е исклучително издржлив – на температури од 190 степени по Целзиус може да издржи 13,8 милијарди години, поточно исто колку што постои и нашиот универзум. Дискот може да издржи и температури од 1.000 степени по Целзиус, што значи дека е навистина тешко да се уништат.
Во бројки, чипот кој го гледате на сликата може да зачува преку 360 терабајти податоци, што е многу, многу повеќе од најголемите хард дискови денес и доволно за да се зачуваат сите напишани книги и документи во човечката историја. Сепак, овие мали дискови не би можеле да се користат како замена за уредите за зачувување податоци во компјутерите – замислете ги како своевиден „наследник“ на CD, DVD и Blu-ray „дводимензионалните“ формати.
Новите 5D дискови може да се искористат за трајно зачувување на податоците, односно како сигурност дека се што има направено човештвото и што ќе направи во иднината, нема да биде заборавено. Во моментов не ми текнува на поширока примена на овие дискови, бидејќи на никој не му се потребни 360 терабајти во моментов, но многу наскоро 5D дисковите би можеле да стигнат и до нормалните потрошувачи.
Извор: The Verge, IFL Science, Engadget