Помина времето кога главните фраери во гејмерскиот свет имаа 27 инчни монитори со 2560х1440 резолуција. Новиот монитор на Acer, XR341CK, има ултра широк агол со 21:9 сооднос на хоризонтала:вертикала, мери дури 34 инчи во дијагонала, има Ultra HD резолуција од 3440х1440 пиксели и само 4 ms време на одговор. Сон на секој гејмер!
Но, овие бројки не ја кажуваат целата приказна, бидејќи во мониторот е вградена AMD FreeSync технологијата, која ја користи графичката карта за да го намали изобличувањето на сликата при брзи движења, односно да ја задржи максималната фреквенција на мониторот, независно од условите. Според Acer, со оваа технологија, гејмерите ќе имаат супер мазно искуство, без каснење на сликата и изгубени фрејмови, односно перфектна синхронизација на испорачаната слика од графичката, со онаа што ја добива гледачот на мониторот.
Заобленоста на мониторот е дополнителен фактор во подобрениот гејминг. Имено, кај овој монитор, секој пиксел е со иста оддалеченост од окото на гледачот, што значи дека корисникот ќе има многу повеќе од сликата во остар фокус. Исто така, ултра широкиот формат од 21:9 го прави исклучително корисен за 3D игрите и холивудските филмови, но и за сите кои работат со повеќе отворени прозорци на работната околина во својот оперативен систем.
Самиот монитор има 100% спектар на sRGB боите, што значи дека не само што ќе вади природни и длабоки бои и ќе направи игрите да изгледаат поубаво, туку ќе биде и многу корисен за професионалците кои работат со видео и фотографија. Исто така, бидејќи се работи за IPS панел, широки ќе бидат и аглите на гледање и тоа до 178 степени вертикално и 172 степени хоризонтално.
Мониторот на Acer делува навистина импресивно и со самото појавување сигурно веќе ја зовре крвта на гејмерите од воздбуда. Сепак, цената од 1099 долари е недостижна за многумина од нас, особено што за напојување на монитор со ваква резолуција, треба и прилично моќна машина, особено во делот за графичката карта и процесорот.