acer-revo-

Сите што се уште имаат десктоп компјутер по дома, знаат дека големо задоволство во поседувањето на ваков уред е можноста за лесно проширување, односно подобрување на можностите и перформансите. Acer направи нов десктоп компјутер, кој исто така ќе се надградува, но сега нема да има потреба да имате познавање од хардверските компоненти – Revo Build M1-601 може да се склопува лесно како Lego коцки!

Модуларниот компјутер на Acer засега има неколку компоненти, за надградба на графиката, за подобар звук, повеќе простор за складирање податоци како и проектор и коцка за безжично полнење на вашиот телефон. Идејата е секој корисник да може лесно да го надгради својот систем, без да треба да го отвора самиот компјутер. На овој начин, не само што ќе биде полесно, туку ќе има и помала шанса да се расипе или скрши нешто при процесот на надградба.

Почетниот мини компјутер има димензии од 12,5 сантиметри во ширина и должина, односно 5,6 сантиметри во висина. Во него се вградува Celeron или Pentium процесор, што значи дека не треба да очекувате „гејмерски“ перформанси, со можност за максимум 8 GB рам меморија. Како што кажавме погоре, ќе има можност за надградба на графиката на процесорот со нова „коцка“, но засега нема информации за тоа кои графички ќе се користат. ВО базата има и излез за видео, USB 3.0, читач за SD картичка и аудио влезови за звук и микрофон.

Revo Build делува навистина интересно, но сигурни сме дека ист ваков компјутер со помоќни компоненти повеќе би успеал кај гејмерите, кои немаат проблем да потрошат повеќе пари на некој нов дел. Почетната цела на основата на компјутерот е 199 евра и истиот треба да биде достапен наскоро низ цела Европа.

Извор: The Verge, The Next Web

Претходна статијаHuawei Mate S е првиот телефон со “Force Touch” технологија
Следна статијаПрвата тест верзија на Firefox за iOS достапна за корисниците во Нов Зеланд