Ако досега сте успеале да ставите некој уред за виртуелна реалност на вашите очи, покрај послабата резолуција, има еден ограничувачки фактор кој го прави искуството малку „нереално“, а тоа е аголот на гледање.
Едноставно, додека во реалноста вашите очи можат да видат многу пошироко, скоро 280 степени, на овие уреди аголот на гледање е само 110 степени и се добива чувство како да гледате „низ прозор“.
Новиот StarVR уред на Acer, направен во соработка со Starbreeze, студио за игри од Шведска, скоро целосно го решава овој проблем, благодарение на аголот на гледање од 210 степени, кој го прави искуството многу поприродно.
StarVR ќе има и многу повисока резолуција од конкурентите – 5120х1440 пиксели поточно, што е исто така импресивна бројка и што значи дека корисникот ќе може да види повеќе детали и поостра слика.
Како и HTC Vive и Oculus Rift, кои се главните играчи на сцената и StarVR ќе биде пред сѐ наменет за играње компјутерски VR игри, за што Acer во понудата веќе има неколку гејмерски лаптопи и десктопи, доволно моќни за мазно искуство.
StarVR за жал нема да може да се купи – ќе биде наменет за употреба во компјутерски играчници и слични места за забава, како на пример специјални кина за гледање VR филмови.
Извор: StarVR, TechnoBuffalo, The Verge, PCWorld