Веќе пишувавме за Eero, системот од рутери кој ветува дека ќе овозможи квалитетен и брз Wi-Fi сигнал низ целата куќа или стан, но за тоа имаше потреба од повеќе испраќачи на сигналот од главниот рутер. Ethertronics има друга идеја за квалитетен Wi-Fi сигнал, а тоа е активна антена, која ќе ги следи уредите во домот!
Новиот чип, кој компанијата го има наречено EtherChip, користи посебни алгоритми за активно вртење на антената, константно пуштајќи повеќе сигнали низ домот, насочени кон приклучените уреди. Чипот целосно автоматски ја избира најдобрата конекција за секој уред посебно, било каде и да се наоѓа во домот. На овој начин, нема потреба од препраќачи на сигналот, како кај Eero, туку ќе има само еден рутер со една EtherChip антена.
Според производителот, рутерот опремен со ваква антена ќе овозможи сигнал кој ќе може да помине и преку подебели ѕидови и да пенетрира во собите во кои тоа досега не било возможно. Попрецизно, се очекува од 20 – 45% подобрување на квалитетот, односно јачината на сигналот. Новата технологија работи уште подобро доколку се искористи во 802.11ac рутер со повеќе антени и во секоја од нив да биде вграден по еден насочувачки чип.
Сето ова делува интересно на хартија, но сепак треба да го видиме како работи и во пракса и колку навистина може да одржи добра поврзливост кај сите уреди во домот, кои ги имаме во се поголем и поголем број. Исто така, за да може да ги следи уредите, треба и тие самите да имаат ист таков сензор, кој ќе овозможи комуникација со главниот рутер, што значи дека ќе треба да помине некое време пред да видиме такви уреди на пазарот.
Извор: Engadget