Стартапот Stack Lighting составен од поранешни инженери од Tesla и NASA претстави, како што вели, вистинска паметна сијалица наречена Alba за која не е потребна апликација. Уникатното за Alba е тоа што ги користи надворешните фактори и сензори за автоматски да го прилагоди осветлувањето.
Alba може да забележи движење или пак друг извор за да одреди какво ниво на светлина треба да пушти во дадена просторија. Слично како светлосните системи што работат на сензори за движење така и овој нов уред ќе заштеди пари и ќе трае многу подолго. За да покажат колку се сериозни со својот производ на самата веб-страница на компанијата дури има и дигитрон за пресметување на штедењето на енергија на годишно ниво.
Овој производ е идеја на извршниот директор на компанијата Нил Џозеф кој порано работел во Tesla. Поентата на Alba, што на италијански значи изгрејсонце, е да биде автономен систем на осветлување во домашни и работни услови кој ја симулира надворешната средина. Во кратки црти имате свое сопствено мини-изгрејсонце и зајдисонце.
Луѓето од Stack Lighting сакаат буквално да го сменат концептот на осветлување кој се практикува со децении. Она што го прават со Alba e адаптирање на системот кон луѓето што живеат таму без потреба тие нешто да прават околу светлото, со проценка на тоа колку време поминуваат во дадена соба.
Секако се’ си има своја цена, па така и Alba не доаѓа евтино. Две сијалици заедно со специјална фасонка чинат 150 долари, додека компанијата наплаќа дополнителни 20 долари за сензори. Сето ова можете да го нарачате на официјалната веб-страница на Stack Lighting.
Извор:Wired