Можноста за претставување на ваков уред од страна на Amazon беше најавена на почетокот од годината, а сега тие информации се покажаа како точни. Amazon го претстави Fire TV, мал уред кој што работи на Android и е наменет за стриминг на видео содржина, како и играње на игрите достапни на овој оперативен систем. Fire TV е навистина мал, посебно во споредба со другите слични уреди и може да се каже дека потсетува на нешто поголем надворешен хард диск.
Amazon Fire TV доаѓа со сервисите на Amazon, како Prime Instant Video, но и избор од апликации како Netflix, Hulu и слични, кои што овозможуваат огромен избор за гледање на видео содржина. Се разбира достапни се и сервисите за слушање на музика, како Pandora, па заедно со можноста за играње на игри, го прават уредот интересен мал додаток во вашата дневна соба. Fire TV многу едноставно се припрема, со поврзување со телевизорот преку HDMI портата, конектирање на Wi-Fi мрежата и тој е спремен за користење. За играњето на игри достапен е со посебна нарачка и контролер наречен Fire Game Controller. Исто така со уредот доаѓа и далечински управувач, меѓутоа Fire TV има можност да биде контролиран преку гласовни команди.
Amazon Fire TV доаѓа со Qualcomm Snapdragon 8064 чип, кој што работи со Krait 300 четири јадрениот процесор на 1.7 Ghz и Adreno 320 графичкиот процесор. Исто така вклучува 2 GB RAM меморија, како и 8 GB внатрешна меморија за складирање. Неговите димензии изнесуваат 115 mm x 115 mm x 17.5 mm. Има поддршка за H.263, H.264, MPEG4-SP, VC1 видео форматите, AAC, AC-3, E-AC-3, HE-A, PCM, MP3 аудио и JPG, PNG форматите за слики.
За жал ваквите уреди, кои што стануваат се повеќе популарни во САД, не се сеуште достапни во нашата земја, како и поголемиот дел од Европа. Во продолжение можете да го погледнете видеото направено од страна на Engadget порталот во кое што е прикажан Fire TV.