AMD ги претстави своите нови Carizzo процесорски единици, изработени со помали транзистори со големина од 28 nm, со голем акцент на подобрувањето на вградената графика, но и можноста процесорските и графичките јадра да работат заедно на некои задачи.
Carizzo опфаќа процесори од A8, A10 и FX серијата, што значи дека ќе има процесор и за оние кои не сакаат премногу да потрошат на нов компјутер, но ќе има и одлични решенија за гејмерите. Инаку се работи за целосни процесорски единици, со вградена солидна графика од AMD и тоа R6 кај А8 и А10 моделите, односно R7 кај моделите со FX назнака.
Сите процесорски единици ќе имаат 4 процесорски јадра, но ќе имаат и плус 6 графички јадра кај А8 и А10, односно 8 графички јадра кај FX. Покрај тоа што ќе донесат помоќна вградена графика, сите јадра на процесорот можат да функционираат во хармонија за завршување на различни задачи. На пример, графичките јадра можат да се искористат да помогнат за некои математички функции, а не само за графички интензивните апликации. Најголеми подобрувања ќе има при транскодирањето на видео и тоа новиот H.265 стандард, кој поддржува Ultra HD резолуции, за 3,5 пати.
Како и сите AMD APU процесори досега и новите ќе можат да се поврзат со AMD графичка картичка и да ги подобрат нејзините перформанси, преку поврзување со вградената графика во процесорот. Според производителот, ова може да донесе и до подобрување од околу 30% во некои игри и апликации. Секако, поврзувањето нема да може да работи со графички картички на NVidia.
Покрај подобрувањата во перформансите, од AMD велат дека новите процесорски единици ќе имаат и многу помала потрошувачка на енергија, односно подолго траење на батеријата кај преносните уреди до 20%. Првите лаптопи со овие процесори ќе бидат достапни уште летово и како и што беше досега, треба да имаат пониска цена од еквивалентните серии на Intel.
Според моето искуство, лаптоп со AMD процесорска единица би препорачал пред се на оние кои играат повеќе модерни игри, кои се така дизајнирани за да можат да ги искористат сите тие 10, односно 12 јадра, а секако и поради помоќната вградена графика. За останатите, се чини Intel и натаму е посигурниот избор, особено со новата Broadwell-H архитектура, која конечно е конкурентна и во полето на графиката.
Извор: PC Mag