Carrizo-970-80

Иако донекаде се држат до Intel процесорите на десктоп сцената, AMD заостануваат кај лаптоп компјутерите со своите чипови, особено во поглед на перформансите и потрошувачката на енергија, со единствена предност во однос на графиката. Со новата Carrizo серија на процесори, AMD ветува дека има производ кој е рамо до рамо со Broadwell серијата на Intel.

Чиповите од серијата 7000 се застапени со неколку различни уреди, од најниската до највисоката класа, почнувајќи од процесор со две јадра и брзина од 1,5 GHz и 1 Mb кеш, до најмоќниот AMD A8-7410 со четири јадра и брзина од 2,5 GHz. Понудени се и неколку модели измеѓу, сите со четири јадра и брзина од 1,8, 2,2 и 2,4 GHz. Сите процесори имаат вградено моќна Radeon R5 графичка картичка, која би требало да понуди многу подобри перформанси во однос на графиката во Intel чиповите и која ќе има поддршка за DirectX 12.

Еден дел каде AMD се уште заостанува зад Intel е во големината на транзисторите, која кај Carrizo серијата е 28 nm, додека кај Broadwell серијата на Intel е 14 nm. Помалите транзистори придонесуваат и за помала потрошувачка на енергија од процесорите, па според тоа, малку е нејасно ветувањето на AMD дека процесорите ќе трошат исто толку енергија колку Intel Broadwell конкурентите, односно од 10-15 вати, зависно од моделот. Можеби на сметка на послаби перформанси?

Покрај новата серија процесори, AMD претстави и нови графички картички специјално за лаптопите, Radeon M300, кои наскоро ќе бидат достапни во скоро сите помоќни модели на пазарот.

Инаку, веќе има најави дека AMD ќе лансира нова Zen серија на процесори, која не само што ќе се изедначи со перформансите на Intel, туку и ќе ги надмине. Сепак, вакви ветувања од AMD слушаме секоја година, а Intel и натаму е на неприкосновен кај десктоп и лаптоп компјутерите.

Извор: TechRadar

Претходна статијаМикробранова печка извор на мистериозен сигнал кој ги чудеше астрономите 17 години
Следна статијаНајевтиниот компјутер чини само 9 долари!