AMD веќе подолго време е во сенка на Intel кога се во прашање процесорите за лаптопите и десктоп компјутерите и особено последниве две години нема некои посериозни играчи на сцената. Долгоочекуваната “Zen” архитектура се очекува да го смени ова и да го врати AMD на успешните патеки, но дотогаш, производителот ни понуди три нови десктоп чипови од Kaveri архитектурата, кои можат да се пофалат пред се со своите моќни графички перформанси.
Идејата зад два од трите претставени процесори е купувачот да нема потреба од дополнителна графичка карта, односно да може да игра понови игри со помал буџет (затоа и се викаат APU – Accelerated Processing Unit). A10-7860K е токму таков процесор, кој во него има вградено моќен графички процесор од R7 серијата на AMD со осум јадра.
Иако со оваа графика не би требало да очекувате да ги играте графички најинтензивните игри, може да очекувате неколку пати подобри перформанси од она што може да го понуди Intel HD графиката, а исто така, овој графички процесор може да работи заедно со AMD графичка картичка за подобри перформанси, доколку планирате да вградите во иднина.
Самиот процесор пак има четири јадра кои работат на 3,6 GHz (4,0 GHz при Boost) и истиот би требало да биде доволен за играње на сите понови игри, како и за секојдневна работа без забавување. Цената на овој процесор 118 долари, додека неговата потрошувачка изнесува 65W. Чипот е исто така отклучен, што значи дека корисникот може лесно да му направи “overclock”, односно зголемување на работниот такт.
Вториот претставен процесор е A6-7470K, кој има послаба R5 графичка со четири јадра и процесор со две јадра кои работат на 3,7 GHz, додека третиот претставен процесор е наменет за оние кои планираат да вградат или веќе имаат моќна графичка картичка – Athlon X4 845 има четири јадра кои работат на 3,5 GHz и чини само 70 долари, што е прилично ниска цена за процесор кој може да се искористи во солидна гејмерска машина. Овој процесор, како и A10-ката ќе бидат понудени со нов, Wraith кулер, кој е многу потивок од досегашните кулери на AMD.
Како и да е, овие процесори се само мост кон она што следува оваа година – новите “Zen” процесори на AMD. Покрај драматичното покачување на перформансите по јадро, оваа архитектура ќе понуди и намалена потрошувачка на енергија и уште помоќни вградени графички чипови. “Zen” се очекува да го врати AMD и кај лаптоп компјутерите, особено во оние наменети за гејмерите.
Секако, ова се само ветувања – AMD и порано го правеше тоа и скоро никогаш не ги исполни ветувањата, но за ова мора да стегнеме палци, бидејќи значи дека и Intel ќе мора да го забрза развојот на своите процесори, кој е исто така прилично бавен последниве 4-5 години.
Извор: Windows Central, Anand Tech, PCWorld