amd-zen

Ако не живеевте во пештера последниве 10-тина години, знаете дека во моментов кај лаптоп и десктоп компјутерите има апсолутна доминација на чиповите на Intel – вечниот конкурент AMD реално нема продукти кои можат да конкурираат на моќната Core серија и има се помалку и помалку учество на пазарот.

AMD затоа веќе подолго време ја најавува Zen архитектурата, која ќе донесе голем напредок во перформансите. Особено ќе биде подобрен квалитетот на секое јадро – актуелните процесор на AMD имаат многу процесорски јадра, но кои испорачуваат послаби перформанси од оние на Intel, додека новите Zen јадра ќе треба да донесат подобрување од преку 40%.

Напредокот во перформансите ќе се должи пред се на префрлањето на транзистори со големина од 14 нанометри и новиот “cache” систем на процесорот, кој ќе овозможи многу побрза комуникација со DDR4 рам меморијата. Покрај тоа, како и досега тие ќе бидат понудувани како APU чипови, односно со вградена моќна графика од новата Polaris генерација во самиот чип, што значи дека гејмерите со помал буџет нема да треба ниту да купуваат дополнителна графика.

Првите примероци од Zen серијата ќе бидат наменети за десктоп машините, односно онаму каде AMD очекува најголем приход – од гејмерите. Подоцна се планира да се понуди и серверска верзија од чипот од која се очекува особено голема продажба. Zen најверојатно ќе го најде своето место и кај лаптопите и „ултра“ лаптопите од повисоките класи, каде отсуствува веќе подолго време.

Новите Zen процесори на AMD ќе го носат името Summit Ridge и ќе се натпреваруваат директно со наредната Kaby Lake седма генерација на процесори на Intel. Она што останува нејасно е дали понудата на AMD и натаму ќе биде поевтина или големиот скок во перформансите ќе ја донесе цената на нивото на онаа на Intel.

Извор: PCWorld, Digital Trends, ExtremeTech

Претходна статијаLG G5 ќе има радикално нов дизајн?
Следна статијаBQ ќе го претстави првиот Ubuntu таблет кој ќе може да се користи како десктоп