Google веќе подолг период има свој концепт за системи кои што се поврзуваат со вашиот телевизор. Покрај Google TV, тука е и Chromecast кој што работи со поврзување со апликации на вашиот Android уред кој што ги прикажува во прилагодена форма на телевизорот. Овој производ има голем потенција и е сеуште во фаза на развој, односно повеќе апликации добиваат поддршка за него.
Според документи, до кои што порталот The Verge тврди дека има дојдено ексклузивно, Google развива уште еден систем наречен Android TV. Како што кажува и името, овој систем е направен на основа на Android оперативниот систем со прилагоден кориснички интерфејс и функции за оваа намена. Според документите, овој систем треба да биде многу поедноставен од Google TV и ќе овозможи многу полесен начин на откривање на содржина за гледање. На него ќе може да се гледаат филмови, серии, да се слуша музика, да се гледаат слики и ќе ја има можноста за играње на игри за што ќе биде направен и посебен контролер кој што посебно би можел да се купи. Содржината би се гледала преку сервисите на Google, како и познатите апликации за ваква намена како, Netflix, Hulu, Pandora и слични. Системот ќе работи на принцип на предложување на содржина за гледање од сите овие апликации, што треба да го направи користењето многу побрзо и едноставно, а како што пишува во документите, корисниците ќе треба да користат многу мал број на кликови за доаѓање до саканата содржина. Се разбира можноста за посебно прегледување на содржината од секоја апликација останува, а ќе биде интегрирана и можност за пребарување.
Системот ќе работи преку посебен далечински управувач на кој што ќе бидат поставени основните копчиња кои што би биле потребни, како home, back, enter и копчињата за навигација во четири насоки.
Овој систем треба да биде поврзан со вашиот Android уред, па доколку имате почнато да гледате нешто на него, истото ќе можете да го продолжите на вашиот телевизор.
Сепак се работи за неофицијални информации кои што од Google ги немаат потврдено, па не е познато дали овој систем ќе биде претставен и достапен за корисниците.
Извор: The Verge