Apple во текот на вчерашниот ден претстави нова верзија од нивниот познат MacBook Pro лаптоп компјутер. Главната новина е што тој веќе нема да има 15 инчен екран, во најголемата верзија, па сега тој станува 16 инчен лаптоп.
Секако, со развојот на технологијата на екраните, како и напредокот на дизајнот, овој лаптоп нема да биде значително поголем и потежок од неговиот претходник, па корисниците ќе немаат проблем да се префрлат и да го користат овој нов модел.
16 инчниот екран доаѓа со резолуција од 3072 на 1920 пиксели и овозможува густина на пикселите од 226 ppi. Од Apple истакнуваат дека секој екран е калибриран посебно во фабриката со цел да овозможи прецизни бои.
Втората работа која од компанијата ја истакнуваат како поголема новина е тастатурата. Истата е целосно редизајнирана и има нов систем кој овозможува подобро и потивки куцање. На неа е вратено „esc“ копчето до кое стои познатиот и навистина користен Touch Bar.

MacBook Pro доаѓа со процесорите од Intel од деветтата генерација со 6 и 8 јадра, со што овој модел е до 2,1 пати побрз од претходниот модел, според Apple. Исто така, корисниците можат да изберат до 64GB RAM меморија, како и до 8 терабајти простор за податоци.
MacBook Pro е лаптоп кој е наменет за професионалците, односно за програмерите, фотографите, тие што работат со филмови, научниците, музички продуценти и слично. Цената поради тоа е соодветна, па почетниот модел ќе се продава по цена од 2399 долари, што точно го става во одреден категорија овој уред.
Сите детали околу MacBook Pro 16-inch можете да ги видите на страната од Apple тука.