Најдобриот лаптоп во понудата на Asus е буквално ѕвер во перформансите кои ги нуди и му најавува голема битка за тронот најмоќен лаптоп на Apple MacBook Pro. За оние кои сакаат сериозно моќен преносен компјутер, со вистински моќен процесор, а не од штедливите верзии на Intel и секако, сакаат Windows оперативен систем, ова се чини е најдобриот избор.
Однадвор, тенкото куќиште со дебелина од само 20,3 mm, не алудира на тоа дека се работи за професионален лаптоп, но нека не ве лаже изгледот. Под алуминиумската шасија, тешка 2,27 килограми, се наоѓа Core i7 4720HQ процесор, кој има основна брзина од 2,6 GHz, односно до 3,9 GHz со “turbo boost”. Моќниот чип на Intel е помогнат од 16 GB рам меморија, а ќе бидат достапни неколку различни видови на дискови за складирање податоци, меѓу кои HDD со 1 TB, две SSD-a со 128, односно 256 GB, како и PCI-e SSD диск, кој има три пати поголеми брзини од обичниот (1400 Mbps), со капацитет од 512 GB.
Бидејќи се работи за професионален лаптоп, вградена е посебна графичка картичка и тоа GTX 960M, која е една од најмоќните на Nvidia моментално. Дисплејот има големина од 15,6 инчи во дијагонала и во основниот модел има Full HD резолуција (1920х1080 пиксели), но со доплата може да се добие и Ultra HD дисплеј со резолуција од 3840х2160 пиксели, кој драстично ја зголемува острината. Секако, како и секој друг Windows 8.1 лаптоп денес и UX501 има екран на допир.
Целосно покриена е и поврзливоста, со три USB 3.0 порти, Thunderbolt 2.0 порт, HDMI и SDXC читач за картички. Во предниот дел е вградена и камера со HD резолуција од 1280х720 пиксели, наменета за видео конференции. Батеријата има голем капацитет од 96 Wh и дозволува користење до 6 часа со едно полнење – делува малку, но да не заборавиме дека чипсетот кај UX501 е пред се наменет за перформанси, а не за штедење. А за оние што ќе помислат дека Asus можел да вгради и малку поголема батерија, само напомена дека во авионите не е дозволено носење лаптоп со батерија поголема од 100 Wh – превоз кој најчесто го користат професионалците.
Сите овие врвни перформанси секако дека имаат и своја цена, а во случајот на Asus UX501, за верзијата до PCI-e диск со 512 GB, таа изнесува 1799 долари на американскиот пазар.