Мини компјутерите не биле никогаш поприсутни на пазарот, а особено не оние со компоненти кои можат да задоволат и еден гејмер. Новата VivoMini серија на Asus има „легнат“ дизајн и солидни внатрешни компоненти, кои се доволни за играње на полесните нови наслови и многу солидни за канцелариски компјутер, на кој ќе може да се прави и брза преработка на фотографии и видео.
Сите делови се од „лаптоп“ сериите, што е и очекувано – во компјутер со димензии од 19 сантиметри должина и ширина и 5,6 сантиметри висина и не е физички возможно да се вградат десктоп компоненти и добро да се оладат.
Поточно, за процесори купувачот ќе има избор од Core i3 или Core i5 Skylake процесори од “U” серијата, ќе има два слотови за рам, за максимум 16 GB и еден слот за 3.5 инчен HDD диск, односно со додаток, истото место може да се искористи за два 2.5 инчни дискови, HDD или SSD.
VivoMini има и еден адут во ракавот – GeForce GT 930M графичка картичка, која е слична по перформанси на онаа во Surface Book на Microsoft. Ова значи дека ќе може да овозможи играње на полесните игри и можност за побрза работа со софтверите за преработка на фотографии и видео.
Однадвор, мини компјутерот е опремен со четири USB 3.0 порти, две USB 3.1 Type A порти (кај помоќниот VM65N модел, HDMI и Display Port, додека поврзливоста е заокружена со 802.11ac Wi-Fi и Bluetooth 4.0.
Интересно, VivoMini компјутерот може да се вгради во задниот дел на мониторот преку VESA монтажа, за да се добие своевидно „се во едно“ решение, кое ќе го заштеди просторот на масата и ќе го намали нередот со каблите.