Мобилните телефони веќе не се уреди што ги користиме само за телефонски повици и СМС пораки. Напротив, живееме во доба во која мобилните, или подобро кажано, паметните телефони ни служат за се’ повеќе работи, како поврзување на интернет, слушање музика, сликање, бележење важни датуми и што ли уште не. Поради тоа, верувам дека мнозинството од вас ќе се пронајдат во онаа група на луѓе кои секојдневно ги полнат своите мобилни уреди и губат драгоцени часови во тоа. За среќа, израелската компанија Store Dot работи на проект кој може да се покаже и тоа како корисен за три години, за кога е предвидено и неговото конечно завршување.

Се работи за био-органска батерија што ќе го полни вашиот мобилен телефон во целост за 30 секунди. И додека сето тоа можеби звучи неверојатно, треба да додадам дека оваа батерија се покажа во одлично светло на конференцијата Think Next која се одржа во Тел Авив, под покровителство на Microsoft. Во текот на конференцијата, посетителите имаа шанса да видат како на ова чудо од батерија му требаа 26 секунди да наполни еден Samsung Galaxy S4 телефон (кој иначе доаѓа во пакет со батерија од 2600mAh). Тоа не би било возможно доколку батеријата не би се состоела од био-органски материјал, односно нано-кристали што имаат способност за самостојно реорганизирање. Интересно е што овие кристали не им беа познати на научниците до пред 10 години.

Според Store Dot, моментално се работи на намалување на димензиите на оваа батерија затоа што истата е со големина на кутија цигари. Се очекува батеријата да биде доволно смалена за да ја собере во паметен телефон наредната година, додека во продажба би требало да се појави за најмногу три години. Сепак, очекувајте за оваа био-органска батерија да платите двојно повисока цена отколку за која било друга батерија бидејќи самото производство чини 30-40 проценти повеќе од производството на останатите батерии што ни се познати.

Претходна статијаПотврдена е можноста за пресретнување на сигурносни информации со Heartbleed
Следна статија’’Екстремен’’ чип кој може да издржи температури до 300 °C