apexx5_hero_closed-100569638-large copy

Mac Pro, тргни се настрана, има нов шериф во градот! Најновиот работен компјутер на Boxx, нуди фантастични перформанси и најавува дека е најнапредниот од својот тип во светот, со можности на кои може да позавидат дури и некои поскапи серверски машини.

За високите перформанси, задолжени се два Intel Xeon 2699V3 процесори со по 18 јадра, односно 36 виртуелни јадра, што значи дека Apexx 5 во внатрешноста има 36 физички и 72 виртуелни јадра. Во превод, ова чудовиште може да обавува 72 различни работи, истовремено! Процесорите, базирани на Haswell архитектурата на Intel, работат со брзина од 2.3 до 3.6 GHz.

apexx5_rear_open_color-100569639-large copy

Импресионирани? Што ако ви кажеме дека Apexx 5 има можност за 512 GB рам меморија? Да, рамот во овој компјутер може да го засрами и хард дискот во вашиот. Основниот модел доаѓа со 256 GB рам и тоа најновиот, DDR4 кој работи на 2133 MHz, но нормално со доплата може да се добие и повеќе…

За складирањето податоци, задолжени ќе бидат 8 слотови за HDD дискови, односно 16 слотови за SSD дискови, што значи дека Apexx 5 може да се конфигурира со најмногу 80 TB (терабајти) простор, односно 8 HDD дискови со по 10 TB.

И стигнавме до главниот хит на Boxx Apexx 5, а тоа е можноста за вградување на 5 графички карти. Купувачот може да избере меѓу Nvidia Quadro K6000, Tesla или AMD FirePro W9100. Четири графички се ставаат во SLI или Crossfire мод, за да можат да работат заедно на графиката, додека петтата картичка е наменета само за приклучување на мониторите. А за да им даде енергија на сите овие графички, вградено е и напојување од 1250 W.

apexx5_side_open-100569642-large copy

Нормално, фантастичните бројки кои го красат Apexx 5 значат и фантастична цена. Иако не е објавена почетна цена, бидејќи се зависи од тоа како купувачот ќе го конфигурира својот компјутер, со оглед на тоа колку чинат компонентите (процесорот е 6600 долари, а има два!), максимално конфигуриран, ѕверот на Boxx ќе чини длабоко над 60000 долари, пари за кои може да се купи и еден подобар стан, или пак спортски автомобил…

Сепак, за филмските студија, односно оние кои работат со рендерирање на графика, правење игри и слично, ова веројатно е мал залак за можностите и перформансите кои ќе се добијат со една ваква навистина импресивна машина.

Извор: PC World

Претходна статијаПреку вметнување на човечка ДНК научниците успеале да им го зголемат мозокот на глувци
Следна статијаValve влегува во виртуелната трка со Steam VR