Поновите автомобили веќе одреден период доаѓаат со вградени сензори за следење на притисокот во гумите, односно нивото на воздух во нив. Доколку некоја од гумите е издишана овие сензори ја испраќаат таа информација до TPMS системот на автомобилот (Tire pressure monitoring system) и ве информираат дека треба да проверите која од гумите треба да биде напумпана. Зависно од моделот, некој од нив покажуваат и точно која гума треба да биде проверена за нивото на притисок.
Од Continental одат чекор понапред, што е очекувано во ова време на паметни производи, па овој систем на сензори го подобруваат и овозможуваат тој да ве информира кога некоја од гумите треба да биде променета врз основа на нивото на потрошеност на шарите. Кога некоја од гумите ќе го достигне минималното дозволено ниво на намалување на шарите, сензорите испраќаат информација до TPMS системот на автомобилот, па вие можете тогаш лично да ги проверите и потоа да ги смените гумите. Системот дури ќе ја има можноста информацијата да биде испратена до вашиот сервис, па тие веќе да ја почнат процедурата за нарачка на вашите гуми.
Првите автомобили кои што ќе бидат опремени со TPMS кој што ќе може да работи со овие гуми од Continental се очекува да се појават на пазарот во 2017 година. Се разбира рано е да се најави било каква цена за овие гуми, како и тоа кои автомобили ќе ја имаат можноста за нивно користење.
Сензорите во гумите, покрај можноста за следење на истрошеноста на гумата, ќе ја имаат можноста за следење и на товарот. Тоа значи дека доколку премногу го натоварите автомобилот кога се спремате да одите на одмор, системот ќе ве извести дека натовареноста, а со тоа и притисокот на гумите е над дозволеното и тоа може да претставува потенцијален ризик, како и да го намали животниот век на гумите.
Извор: Continental