Еден од главните проблеми на денешното време е се помалата физичка активност која што е карактеристика на повеќето од нас. Работата денес се помалку подразбира работење надвор, па повеќето работат седнати во канцеларија. Кога на тоа ќе се додаде и времето поминато на компјутер генерално и дома, според одредени статистики, повеќе од 9 часа во денот ги поминуваме седнати. Седењето, односно малата физичка активност се поврзува со голем број на болести, односно како фактор што ја зголемува шансата за развивање на болести. Седењето некои го нарекуваат „Пушењето цигари на 21-от век“. Според одредени истражувања малата физичка активност придонесува до зголемување на дебелината, а со тоа и ризикот од кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2, па дури и прерана смрт.
Најразлични уреди кои што се обидуваат да не „натераат“ што помалку да седиме и да стануваме од нашето столче има се повеќе. Можеме да видиме паметни бироа, уреди за носење, апликации и слично.
Производот за кој што денес пишуваме е исто така еден од овие производи инспирирани од болеста наречена прекумерно седење. Се работи за Darma, паметна перница за седење која што е опремена со сензори и се поврзува со вашиот компјутер и мобилен уред преку Bluetooth LE. Darma ги следи вашите навики на седење и се обидува да го подобри вашето физичко и ментално здравје. Тоа го прави преку користење на технологија со сензори и алгоритми кои што нудат насоки за подобрување на вашето држење на телото додека седите, времето поминато во седење, како и намалување на стресот. Сензорите во Darma го следат вашиот пулс, дишење, положбата на седење, како и нивото на стрес врз основа на некои од овие информации.
Со поврзување со мобилната апликација или десктоп компјутерот, добивате информации и статистики за вашите навики. Исто така сте потсетувани да ја промените вашата положба, односно држење на телото доколку поголем период поминете подгрбавени над бирото. Мала анимација во комбинација на сензорите во перницата ви покажуваат кога ќе се исправите во препорачаната позиција.
Darma моментално е понудена на Kickstarter и има собрано повеќе од 180.000 долари од потребните 40.000 на 28 дена до истекот на рокот. Може да се нарача по цена од 130 долари, па нагоре, зависно од времето на нарачка, како и количината на перници.
Извор: Kickstarter, Ubergizmo