Секојдневно сме сведоци на нови лаптоп компјутери што се појавуваат во продажба во најразлични димензии. Сепак, полначите што доаѓаат со нив речиси секогаш се во истата, универзална големина. Сигурно барем еднаш сте се нашле во ситуација кога сте морале да го „влечкате“ полначот со себе на пат, но истиот ви зафаќал место кое во такви моменти ви е скапоцено. Токму затоа, момците од FINsix се решија на интересен чекор: да го изработат најмалиот и најлесен полнач за лаптоп компјутери.

Овој мал, но моќен полнач (65W), уште познат и како Dart, доаѓа со USB приклучок и одговара на сите денешни познати марки на лаптоп компјутери. Од FINsix тврдат дека е четирипати помал и шестпати полесен од стандардните полначи и дека без проблем го собира во сечиј џеб, односно ташна. Кабелот што е неизоставен дел од полначот е со должина од 1.8 метри.

Dart можете да го најдете на Kickstarter, па доколку сте заинтересирани, имате можност уште веднаш да донирате средства и да добиете полнач во сина, црвена, бела или уште неколку други бои. Сепак, имајте на ум дека доколку се одлучите за донација под 79 долари, нема да го купите самиот производ, туку ќе добиете пристап до одредени промоции, ексклузивни материјали и известувања, и јавно признание за вашата донација. Истовремено, MacBook корисниците треба да донираат минимална сума од 168 долари за да добијат Dart полнач.

Овој практичен полнач ќе почне да се испорачува од ноември годинава. Доколку не сте заинтересирани за донација,  во продажба ќе го најдете за 119 долари (модел за стандардни лаптоп компјутери).

Претходна статијаSolar Impulse 2: авион кој може да лета непрекинато неколку дена без гориво
Следна статијаЛесно пробиен скенерот за отпечатоци на Samsung Galaxy S5