Доколку ви е смачено од секојдневно справување со купишта документи и хартија, не грижете се. Веќе во мај, Sony ќе започне со продажба на својот најнов уред кој го претставува концептот на дигитална хартија. Digital Paper ќе се појави со едноставна цел целосно да ја замени обичната хартија, нешто што особено би нашло своја примена во многу институции, корпорации и компании.

Овој тенок уред поддржува резолуција од 1200 х 1600 пиксели, а ако на тоа се додаде и површината од речиси 34 cm на која можете да читате и пишувате, јасно е дека со Digital Paper ќе немате никаков проблем при процесирање на секакви документи. Покрај најавената поддршка за пенкало, треба да се напомене дека дисплејот нема никаква опција за осветлување, што значи дека во Sony се водат по претпоставката дека Digital Paper би се користел денски и во добро осветлени простории.

Sony Digital Paper ќе го користи E Ink Mobius флексибилниот екран, развиен од страна на E Ink во соработка со Sony. Овој екран е направен од пластика, полесен е од другите слични екрани, а овозможува и поголеми димензии.

Што се однесува до документите кои Digital Paper може да ги прикаже, истите треба да бидат во PDF формат. Со помош на пенкалото, можете да допишувате, подвлекувате и заокружувате буквално се’ што сакате, исто како што би правеле на обична хартија. Внатрешната меморија од 4 GB и поддршката за micro SD картица се доволен показател дека со најновиот изум на Sony навистина ќе можете да работите со илјадници документи, каде и да сте и кога и да посакате. Крајниот резултат ќе можете и да го споделите со колегите или пријатели преку WiFi мрежа.

Според изјавите на Sony, Digital Paper ќе се појави на пазарот со батерија која при идеално користење може да трае до 3 недели со едно полнење. Притоа, уредот можете да го полните со адаптер или преку USB порта. Сето ова би било идеално, доколку не би се земала во предвид веројатната цена на овој уред која изнесува 1.100 долари. Затоа, останува да видиме дали корпорациите, институциите, па и обичните корисници се подготвени да издвојат толку пари од својот џеб и засекогаш да се збогуваат со обичната хартија.

Претходна статијаGoogle тестира нов преглед на пораките во лентата за промоции во Gmail
Следна статијаДо каде е Project Ara, дознајте од тимот одговорен за развојот