Многу од нас имаат микробранови печки во домот кои ги користат за најразлични потреби, од загревање и готвење на храна до правење на кафиња или експерименти со експлозии (во никој случај не го правете тоа што го видовте на видеото!).
Тие се базираат на технологија развиена пред неколку децении, која пак се базира на вграден уред наречен Магнетрон со шуплинa кој создава електромагнетно зрачење. Со ова зрачење потоа се „преплавува“ внатрешнината на печката. Зраците се одбиваат од цврсти предмети, но се акумулираат во меки (каква што е храната), пренесувајќи ја сопствената енергија во нив и загревајќи ги.
Проблемот со ова е што греењето е прилично нерамномерно, па затоа сме сведоци на ситуации во кои надворешната површина на храната е жешка и не може да се проголта, а внатре храната не е ни подгреана. За да го реши овој проблем, компанијата Freescale го претстави најновиот концепт на печка која работи со помош на електромагнетно зрачење, но на малку поинаков принцип.
Имено, се работи за употреба на т.н. „емитувачи на радио фреквенции“. Во основа, се работи за насочено емитување на радиобранови кон одредени делови во храната и со засебен интензитет, за да може истата да се зготви по мерка и рамномерно.
Ваквиот начин на готвење ветува подобрувања од повеќе аспекти. Прво, храната ќе се готви соодветно на нејзиниот состав и рамномерно, па ќе нема непотребно трошење на енергија. Насочувањето на зрачењето (за разлика од преплавувањето со микробрановите) ќе придонесе кон дополнително штедење на енергија. Уредите за емитување се подолготрајни од Магнетронот со шуплинa, па печката подолго време ќе трае. Тоа што е најинтересно е што со помош на истите радиофреквентни бранови ќе може да се детектира и зготвеноста на храната, за да знае самата печка дали да продолжи да работи или не.
Со нетрпение го очекуваме моментот кога ќе се појави новата печка на пазарот.