Драги мои вљубеници во технологијата и гаџетите, земете здив – наскоро уредите што најмногу ги сакаме, како на пример нашите смартфони, ќе ги носиме буквално залепени на нашата кожа!
Имено, тим од научници од Универзитетот од Токио, разви специјален e-skin дисплеј кој е само 2 микрометри тенок и кој може да се залепи на човечката кожа. Дисплејот не е особено квалитетен и во моментов е замислен само ако апликација за подобро следење во медицината, но бидете сигурни, иднината на дисплеите е тие да бидат вградени на или во нашата кожа.
Самиот дисплеј е изработен од специјален спој на органски и неоргански материјали, поточно Parylene и Silicon Oxynitrite и е исклучително тенок, лесен и флексибилен. Во него е вграден PLED (Polymer Light-Emitting Diodes) дисплеј, кој може да се користи за најразлични апликации во медицината, но сепак не би можеле да користите Facebook на него. Се уште.
Ова не е првиот ваков дисплеј – во минатото видовме и неколку дизајни кои се ставаат под првиот слој на кожа, но овој е досега најудобен за носење, како и најиздржлив – има рок на траење од неколку дена. Причината за толку краткиот рок на траење на овие дисплеи е потта и воздухот кои се разменуваат преку кожата и кои нормално прават секакви проблеми со електрониката. PLED дисплејот троши и најмалку енергија, а произведува и најмалку топлина, што го прави најдобар избор за ваквите апликации досега.
Овој e-skin дисплеј може да се стави буквално секаде на телото и поради тоа може да биде и одличен начин за следење на перформансите за спортистите, без тие да чувствуваат непријатност или да носат дополнителна тежина. Понатаму ваквата технологија сигурно ќе добие и други апликации и можам да замислам дека многу лесно би ги заменила останатите уреди за носење, како на пример паметните часовници.
Извор: Engadget, The Verge, Tech Times