Converted_file_b31d1ca3

Сите сме дошле до онаа ситуација кога сме нашле одредено парче облека кое за малку не е совршено, па сме се мислеле дали да го купиме, па сме премерувале цената во однос на некои други слични парчинња… Што велите да дојдете во продавница за облека и да ви ги создадат панталоните или сукњата пред вас?

Токму тоа се обидуваат да го направат тимот позади Electroloom, кој претставува 3Д печатар кој од течност (сировина) создава материјал. Самиот процес на создавање на материјалот тече вака: сировината се истегнува во микроскопски влакна преку процес наречен електровртење (electrospinning). Овие влакна потоа се нанесуваат на калап, и така полека се гради материјалот, па потоа и целото парче облека. Кога ќе се пополни калапот материјалот внимателно се одлепува, и во рацете останува спремно парче облека за носење.

Моментално тимот работи на создавање облека со мешавина од полиестер и памук, но велат дека во крајната верзија нивниот уред ќе има различни материјали и доволно сировина за да се создадат барем 5 до 10 парчиња облека, во зависност од нејзината големина и сложеноста на смесата. Тие имаат започнато Kickstarter кампања за Electroloom со која се надеваат (а изгледа дека ќе успеат) да ги покријат трошоците за развивање на функционална мини-фабрика за облека.

Ако сакате да ја поддржите оваа кампања цените се доста „солени“, па така ако сакате целосно функционален уред кога ќе биде произведен ќе треба да одделите 4.500 долари. Ако сте заинтересирани да добиете само парче облека одпечатено од Electroloom ќе треба да одделите 100 долари, што е во рангот на високо-квалитетна облека.

Извор: CNet, TechCrunch

Претходна статијаPanasonic ќе ги претстави првите телевизори со Firefox OS
Следна статијаПристигна новиот MacBook Pro 15