Повеќето од денешните професии бараат да луѓето генерално го поминуваат денот во седечка положба, најчесто пред компјутер. Дури и кога не работиме, слободното време истотака најчесто го поминуваме во седечка положба било дали е тоа во автомобилот додека возиме, дома пред телевизиорот или во некое кафуле.
Понекогаш се чини дека целата поента на индустриската револуција е да не лиши од секакво движење, освен доколку тоа е апсолутно неопходно. За да ја разбијат ваквата монотонија луѓето најчесто купуваат фитнес справи или пак ги користат услугите на фитнес центрите.
Ваквата практика, поттикнало да некои научници и иноватори, размилслуваат како да ја искористат сета таа енергија која луѓето ја “произведуваат” за време на вежбањето. Па така, Британската компанија специјализирана за фитнес справи наменети за употреба во отворени средини, “The Great Outdoor Gym Company” (TGOC), доаѓа до креативно решение за искористување на таа енергија и нејзино претворање во електрична енергија.
Имено, од компанијата имаат конструирано фитнес велосипеди, рачен велосипед, степери и орбитреци кои ја претвораат механичката енергија во електрчна. Сите тие се опремени со екрани на кои може да се види моќта и енергијата која се генерира со самата употреба. Секоја справа може да генерира помеѓу 50 и 500 Вати, кои се користат како енергија за околното осветлување, со што се овозможува пријатна атмосфера и во доцните часови. Дополнително фитнес центарот е опремен и со специјализирани места за мерење на тежина и висина како и БМИ индексот (индекс на телесната маса).
Од компанијата велат дека имаат во план изградба на вкупно 500 вакви фитнес центри, во наредните 5 години, а најавена е и соработка со Министерството за Здравство на Велика Британија како и Адидас производителот на спортска опрема.
Градот Хул во Велика Британија, е “домаќин” на првиот ваков центар и е поставен во општина која брои околу 5000 жители. Според пресметките доколку се изградат планираните финтес центри, би можело да опслужат 2,5 милиони жители, со што значително се зголемува генерирањето на ваквиот обновлив извор на енергија.