Многумина од Вас веројатно веќе одамна не следат што се случува во десктоп светот, но без грижи – тој сеуште е жив. Денес особено се популарни компактни куќишта, кои му овозможуваат на корисникот вградување на моќни компоненти во помали димензии, а ова за кое ќе пишуваме денес вклучува и одлична звучна изолација.
Nano S куќиштето на реномираниот Fractal Design спаѓа во mini ITX категоријата, што значи дека ќе треба да барате матична плоча со иста mini ITX големина. И покрај тоа што во него може да се стават само помали матични плочи, во однос на останатите компоненти има многу простор за дишење – може да се стават два 2.5 инчни и два 3.5 инчни дискови и графички со максимална должина од 31,5 сантиметри, што значи дека тука можат да влезат и најмоќните графички карти. Според тоа, ова куќиште е дефинитивно насочено кон гејмерите.
Максималната должина на напојување која може да се стави е пак 160 милиметри, што значи дека нема да имате проблем да ставите и некое со преку 600 W, додека кулерот за процесорот може да биде 16 сантиметри висок. За ладење на сите овие компоненти ќе бидат достапни неколку места за големи кулери на самото куќиште – 140 и 120 милиметри или пак можност за водено ладење со ладилник со големина од 280 милиметри напред, 240 милиметри горе и 120 милиметри доколку се вгради назад.
Сите овие кулери произведуваат многу звук, кој на многумина може да им пречи, па затоа Fractal Design во ова куќиште има вградено материјали кои го апсорбираат звукот во двата странични панели, односно само во едниот панел доколку изберете другиот да има стакло, со цел да се гледаат моќните компоненти. Исто така, онаму каде има кулери се вградени и филтри – веќе нема да има потреба да го чистите компјутерот.
Сето ова е постигнато во куќиште со димензии од само 275х485х420 милиметри, односно половина волумен од стандардните куќиште наменети за помоќен, гејмерски компјутер. Плус на тоа, ова куќиште има дефинитивно и допадлив дизајн и ќе можете да го ставите на масата – нема потреба од криење под неа. Цената на Fractal Design Nano S изнесува 65 долари, односно 70 долари за модел со стакло отстрана.
Извор: TechnoBuffalo, PCGamer, FractalDesign