За разлика од повеќето очила што беа претставени во последниот период, кои што вклучуваат екрани, можност за гледање на одредени апликации, гласовни команди, FUN’IKI очилата се многу поедноставна алтернатива. Тие вклучуваат шест LED сијалици на горниот дел од рамката, по три на секое стакло, како и мал звучник во задниот дел кои ве известуваат дека имате добиено некаква нотификација на мобилниот телефон со едноставно трепкање на сијалиците. Ова ги прави навистина многу поедноставни од тоа што се имаме научено да очекуваме од денешната паметна технологија, а во исто време ги прави и интересен моден додаток.
FUN’KI се поврзуваат со вашиот мобилен телефон преку Wi-Fi конекција, преку која што ги добива информациите за нотификациите. Преку посебно направената апликација можете да ги прилагодите боите, односно да ги назначите за типовите на нотификации кои што ги добивате, па на тој начин според бојата да знаете дали се работи за пристигната email порака, SMS или нешто друго. Очилата можат дури да бидат наместени да светат за разни ситуации преку диско, забава и режимот за релаксирање.
Очилата работат на батерија која што се полни преку USB, а со оглед на дизајнот и немањето на дополнителна поголема опрема, лесно можат да се користат како обично очила. Развиени се од страна на јапонската компанија Matilde и ќе се продаваат по цена од 150 долари.
Извор: Engadget