Најдобрата футрола, односно The Greatest Case, е името кое што го носи овој производ моментално претставен на Кикстартер платформата. Се работи за футрола за мобилните телефони со поголеми екрани која што покрај тоа што ќе ги заштити од удари при паѓање, треба да овозможи многу полесна работа со една рака.
Работата со една рака со мобилните телефони подразбира притискање на екранот со палецот. Ова е нешто што станува посложено со зголемување на големината на екранот, нешто што е се повеќе популарно кај корисниците. За да може да се стигне до секое место на екранот со палецот, потребно е телефонот да се држи на различни места, нешто што ја усложнува работата, а исто така го зголемува ризикот од паѓање на телефонот.
The Greatest Case футролата нуди едноставно решение за овој проблем преку минималистички дизајн на задната страна оставајќи само две „ленти“ наменети за држење на телефонот. Со тоа се овозможува телефонот да може да се држи во повеќе позиции со сигурен фат без ризик истиот да се лизне од раката и да падне.
Футролата е направена со 3D принтер користејќи смеса направена од бакар и пластика. Со тоа се постигнува саканото ниво на цврстина и еластичност на футролата. Исто така, корисниците имаат избор од две бои, односно црна и бакарна.
Направена е да за користење моментално со два мобилни телефони, односно со iPhone 6 Plus и Galaxy Note 4.
Цената на оваа футрола изнесува 29 долари за црната и 39 долари за бакарната верзија. Потребата сума од 1.200 долари е веќе надмината на 27 дена до истекот на рокот.
Извор: Kickstarter