cardboard

Виртуелната реалност е дефинитивно новиот тренд во технологијата, за кој многу ќе слушаме во наредниве неколку години. Google Carboard е веројатно најевтината и наједоставна направа која може да овозможи гледање на виртуелна реалност и која во втората генерација ќе донесе неколку подобрувања. Google веќе ги извади скиците во јавност (симнување на .zip датотека) – да, сега можете да си направите Cardboard и самите, нормално ако ги имате потребните материјали.

Веднаш помисливте зошто Google би ги нудел скиците бесплатно? Идејата зад Cardboard иницијативата е да се промовира Android како оперативен систем, односно платформа за виртуелна реалност. Додека корисниците на iPhone сеуште немаат можност да гледаат VR видео или да играат такви игри, Google на Android корисниците им го овозможува тоа со евтин и достапен уред, кој може да работи со скоро секој смартфон со нивниот оперативен систем.

google-cardboard-v2-lens-specifications-680x439 copy

Новиот Cardboard v2 може да работи со телефони со максимална големина од 6 инчи, што значи дека нема да можете да ставите таблет во него, но ќе може да се стави скоро секој Android паметен телефон. За разлика од првиот модел, тука е вградено и хардверско, а не магнетно копче, кое работеше само со неколку модели на Android смартфони.

Покрај скиците, според некои информации, Google планира посериозен уред за виртуелна реалност, кој ќе биде изработен од пластика и кој ќе овозможи многу поудобно гледање. Cardboard, иако евтин и достапен, може да измори после подолго гледање – сепак е изработен од обичен картон.

Заедно со новиот Cardboard v2, Android спрема и нов VR софтвер кој ќе биде интегриран во поновите верзии на Android, а кој ќе донесе големи подобрувања во виртуелното искуство за гледачот. Исто така, Google очекува многу производители да се приклучат на иницијативата и да произведуваат Cardboard v2 уреди по нивните спецификации.

Извор: The Next Web, VentureBeat, Road to VR

Претходна статијаДобијте 2 GB бесплатен простор на Google Drive со проверка на безбедноста на вашата сметка
Следна статијаНов чип донесува „Вештачка Интелигенција“ и во нашите смартфони?