Chromebox се мини компјутери кој што работат на Chrome OS оперативниот систем. За еден од тие компјутери веќе пишувавме, направен е од Asus и го носи името Asus Chromebox. Доколку не сте запознаени Chrome OS е оперативен систем кој го развива Google и работи стриктно на веб, односно целиот оперативен систем е составен и работи преку Google Chrome прелистувачот и достапните апликации.
Google вчера го престави Chromebox for Meetings, решение за конференциски видео повици составено од Chromebox мини компјутер, Logitech HD камера, звучник/микрофон и далечински управувач. Системот работи на посебна верзија од Asus Chromebox со Intel i7 процесор од најновата генерација и софтвер посебно направен да работи директно на Google+ Hangouts. Поддржува до 15 истовремени учесници на една конференциска сесија. Google ја нагласува едноставноста на нивното решение кое што со едно притискање на копче ве приклучува на некоја од конферениските повици. Поради користењето на Google+ Hangouts можно е поврзување на корисници кои што не го користат решението, односно од било кој компјутер, таблет или мобилен кој што има пристап до Google+ сервисот. На конференциските повици исто така можно е поврзување на учесници преку нивниот телефон, преку добивање на посебен број од UberConference.
Chromebox уредот може да се поврзе преку HDMI и DisplayPort++ приклучоците, а исто така има и 4 USB 3.0 порти. Има една етернет порта, како и dual band Wi-Fi 802.11 a/b/g/n. Веб камерата е направена од Logitech, истата посебно се продава, односно не е специјално направена за ова решение. Истата доаѓа со Full HD 1080p резолуција и Carl Zeiss оптика. Далечинскиот управувач доаѓа со целосна QUERTY тастатура на задната страна.
Цената на ова решение изнесува 999 долари, а софтверот посебно се наплаќа 250 долари годишно после првата година.
Слично решение претстави и Logitech, кое што ја има истата цена како и Chromebox for Meetings, со таа разлика што не доаѓа со посебен софтвер и сопствено решение за повиците туку се поврзува на PC, на пример и користи решенија како Skype и слични.