Од година во година дроновите стануваат се подостапни и денес скоро секој посериозен филмограф или вљубеник во снимањето на видео, има еден таков во нивниот арсенал. Новиот Karma дрон на GoPro можеби малку касни во овој сегмент, но има неколку адути кои го прават подобар од конкуренцијата, а тоа пред сѐ се однесува на лесната преносливост.
Имено, GoPro Karma може целосно да се склопи и стави во мала пренослива торбичка, која потоа може лесно да се смести во класичен ранец. Зошто е ова предност? Лесната преносливост на Karma значи дека корисниците отсега нема да мора да одат со автомобил на местата каде ќе снимаат, кои често се недостапни. Karma навистина ја доловува вистинската магија на GoPro камерите, а тоа е да можете да ги однесете секаде со вас, макар биле и на најнедостапните места.
Дронот инаку се управува преку специјално дизајниран џојстик, на кој има и дисплеј на кој може да се следи што снима камерата. Самиот дрон доаѓа и со стабилизатор во три оски, кој овозможува исклучително стабилно видео и кој може да се користи самостојно со држачот за рака, за моментите кога сакате „приземјено“ видео.
Karma нема вградена камера, но GoPro вели дека е компатибилна со нивните нови Hero 5 Black и Hero 5 Session камери, но и со постарите камери на брендот. Затоа, тој се нуди само како дрон по цена од 799 долари, но и како пакет со Hero 5 Session за 999 долари, односно 1099 долари за моделот со Hero 5 Black камера.
Самите камери инаку чинат 299, односно 399 долари. Hero 5 Session сега има можност за снимање 4K видео и фотографии од 10 мегапиксели во исклучително мало пакување, додека знаменосецот Hero 5 Black снима 4K видео и фотографии од 12 мегапиксели, а има и 2 инчен дисплеј на допир, отпорен е на вода до длабочина од 10 метри, вграден GPS и микрофон со редукција на шум од околината.
Извор: Mashable, PC Mag, Fox Business