hp-pavilion-desktops4-new-colors

Многумина од вас веројатно веќе и немаат голем десктоп компјутер дома, но и натаму има професионалци кои се крстат во перформансите кои ги нудат ваквите машини. HP штотуку претстави нови десктоп компјутери од Pavilion серијата, со кои велат дека ќе направат ова да биде годината на десктоп компјутерите, нешто што делува невозможно, но ајде да им дадеме шанса на убаво дизајнираните Pavilion куќишта.

Новите компјутери на HP имаат целосно нов „вертикален“ дизајн и ќе се нудат во неколку различни бои, кои би требало да одговараат на секоја соба, односно канцеларија. Поскапите модели ќе бидат изработени и од брусен алуминиум, што ги прави конкуренти на Apple Mac Pro. Компонентите ќе се разликуваат од модел до модел, а ќе бидат вградувани чипови од Intel и графички на AMD и Nvidia. Компјутерите ќе бидат опремени и со HDD дискови до 4 TB, односно SSD дискови до 512 GB. Цената на десктоп куќиштата ќе почнува од 500 долари за основниот модел.

hp-envy-phoenix-desktopfront-facing

Покрај десктоп куќиштата, HP претстави и „се во едно“ компјутери, каде матичната и чипсетот се сместени во самиот монитор. Овие компјутери ќе бидат со големини од 21 до 27 инчи, ќе имаат дисплеи целосно покриени со стакло, како и порти за поврзување во долниот дел, за да не мора да го вртите мониторот при секое ставање на USB стик. Ќе бидат достапни со Intel и AMD процесори, како и рам меморија до 16 GB, односно HDD дискови до 3 TB. Цената на компјутерите ќе почнува од 650 долари за 21 инчниот модел.

Со оглед на тоа што го претставија, не можеме да очекуваме којзнае колкав пораст на продажбата на десктоп машините, како што ветуваат од HP, но факт е дека новите модели барем малку повеќе заслужуваат место во вашата соба од претходно.

Извор: ZDNet, PCWorld

Претходна статијаОткриен нов планетарен систем на само 54 светлосни години оддалеченост
Следна статијаОд NASA тврдат дека успешно тестирале електромагнетен вселенски мотор