Можеби уредите кои работат на Chrome OS уште не се масовно користени од страна на корисниците, меѓутоа тие дефинитивно направија влијание на пазарот, како и повеќето случаи кога се работи за нешто од страна на Google. Она што е карактеристично кај овие уреди е нивната ниска цена која што Microsoft се обидува да ја стигне, а за тоа превзема и неколку мерки.
На CES2015 настанот HP претстави два мини компјутери кои што работат на Windows, а ќе се продаваат по цени од 180 и 320 долари. Се разбира, кога ќе се види цената јасно е дека не станува збор за компјутери од високата класа, односно со најдобрите компоненти достапни на пазарот.
Двата компјутери од HP се наречени Stream mini и Pavilion mini, а за да се објасни нивниот изглед, можеби е најдобро да се споредат со Mac mini или со некој од set top уредите. Двата уреди доаѓаат со скоро ист дизајн кој што вклучува по два USB портови и копче за вклучување на предната страна, како и HDMI и Display Port порти на задната страна.
Она што се истакнува кај двата уреди е малата потрошувачка на енергија која што од HP е најавена во областа на 45 вати, што може да се спореди со некои од сијалиците кои што се користат во домовите.
Што се однесува до карактеристиките, помалиот и поевтин Stream mini доаѓа со Intel Celeron процесор и 2GB RAM меморија. Внатрешната меморија за складирање на податоци кај овој модел изнесува 32GB, па затоа корисниците добиваат и две годишна претплата на OneDrive со 200GB капацитет.
Pavilion mini доаѓа со Intel Pentium процесор и дупло повеќе RAM меморија, односно 4GB. За складирање на податоците овој модел вклучува хард диск со капацитет од 500GB, па со него не следува претплатата на OneDrive.
Двата модели работат на најновата верзија од Windows оперативниот систем, односно на 8.1 верзијата, а поддржуваат поврзување на два екрани во исто време.